fbpx

Леводопа+Карбидопа

Levodopa, carbidopa 
Таблети (250 mg + 25 mg)

ATC  N04BA02
Се издава на рецепт
Се наоѓа на позитивна листа на лекови на ФЗО

ДОЗИРАЊЕ И НАЧИН НА УПОТРЕБА


За перорална употреба.
Оптималната дневна доза на Леводопа+Карбидопа треба да се одреди со внимателна титрација за секој пациент посебно.

Општи Согледувања

Студиите покжуваат дека периферната допа-декарбоксилаза е целосно инхибирана (сатурирана) од карбидопа во дози од 70 mg до 100 mg на ден. Пациентите кои примаат помала од оваа доза на карбидопа се со поголема веројатност од појава на гадење и повраќање. За време на третманот со Леводопа+Карбидопа, примената на стандардните лекови за терапија на паркинсонизам, освен леводопа монотерапија, може да продолжи, иако е потребно прилагодување на нивната доза. Бидејќи терапискиот ефект и несаканите дејства побрзо се јавуваат при третман со Леводопа+Карбидопа, отколку со леводопа, пациентите треба внимателно да се мониторираат во тек на периодот на прилагодувањето на дозата. Неволните движења, особено блефароспазам, кај некои пациенти може да бидат предупредувачки знаци за преголема доза на лекот.

Пациенти кои Претходно не биле Третирани со Леводопа

Препорачана почетна доза е половина таблета Леводопа+Карбидопа, три пати на ден после оброк. Дозата постепено се зголемува за половина или 1 таблета секои еден до два дена, до максимум 8 таблети на ден. Ефикасноста на лекот се забележува веќе после првиот ден, а понекогаш и после првата доза. Потполна ефикасност обично се постигнува во тек на седум дена во споредба со недели или месеци при леводопа монотерапија.

Пациенти Третирани со Леводопа

Третманот со леводопа треба да се прекине најмалку 12 часа (24 часа за форми со продолжено ослободување) пред започнување на третманот со Леводопа+Карбидопа. Наједноставно е да се земе Леводопа+Карбидопа како прва утринска доза, после една ноќ без леводопа. Дозата на Леводопа+Карбидопа треба да изнесува приближно 20% од претходната дневна доза на леводопа. Препорачаната почетна доза за повеќето пациенти кои земале повеќе од 1500 mg леводопа дневно, изнесува една таблета Леводопа+Карбидопа, три или четири пати на ден.

Терапија на Одржување

Терапијата со леводопа/карбидопа треба да се индивидуализира и постепено да се прилагоди во зависност од одговорот на пациентот. Искуството со вкупна дневна доза поголема од 200 mg карбидопа е ограничено.

Пациенти кои Примаат Леводопа со друг Декарбоксилаза Инхибитор

При префрлање на пациентот од третман со леводопа во комбинација со друг декарбоксилаза инхибитор на третман со леводопа/карбидопа, дозата треба да се прекине најмалку 12 часа пред започнување на третманот со леводопа/карбидопа. Третманот треба да се започне со доза на леводопа/карбидопа која ќе обезбеди иста количина на леводопа која се содржела во комбинацијата леводопа/декарбоксилаза инхибитор.

Пациенти кои Примаат други Антипаркинсоници

Сегашните достапни податоци укажуваат дека при започнување на третманот со леводопа/карбидопа, примената на другите антипаркинсоници може да продолжи, иако може да биде потребно, дозирањето да се прилагоди во согласност со препораките на производителите

Примена кај Деца

Безбедноста од примената на леводопа/карбидопа кај пациенти помлади од 18 години не е утврдена, поради што не се препорачува примена кај оваа популација.

Примена кај Постари Пациенти

Постои големо искуство за примена на овој лек кај постари пациенти. Горе наведените препораки се одраз на клиничките податоци добиени од ова искуство.


Информациите за лекот дадени на web страната се само краток опис за особините на лекот. Не ги прифаќајте како конкретни препораки за Ваше самолекување. 

Терапијата и употребата на лекот секогаш мора да биде во согласност со препораките од Вашиот лекар, и Вашиот фармацевт. Секогаш внимателно читајте го внатрешното упатство.

Description

СОСТАВ

1 таблета содржи 250 mg леводопа и 25 mg карбидопа (во форма на карбидопа монохидрат), помошни супстанции.

ТЕРАПЕВТСКИ ИНДИКАЦИИ

Антипаркинсонов лек.
За третман на Паркинсонова болест и Паркинсонов синдром

КОНТРАИНДИКАЦИИ

Истовремената примена на неселективни инхибитори на моноаминооксидаза (МАО инхибитори) со леводопа/карбидопа е контраиндицирана. Третманот со неселективните МАО инхибитори треба да се прекине најмалку 2 недели пред започнување на третманот со леводопа/карбидопа. Леводопа/карбидопа може истовремено да се применува со селективни МАО-Б инхибитори (пример селегилин хидрохлорид).
Примената на леводопа/карбидопа е контраиндицирана кај пациенти со глауком со тесен агол и пациенти со позната преосетливост на било која компонента на лекот.
Бидејќи леводопа може да активира малигнен меланом, не треба да се применува кај пациенти со суспектни недијагностицирани кожни лезии или со историја на меланом.
Примената на леводопа/карбидопа е контраиндицирана кај пациенти со тешки психози.
Бременост и лактација.

ПАКУВАЊЕ

Кутија со 100 таблети од (250 mg + 25 mg) (10 блистери x 10 таблети).