fbpx

Ревагра®

sildenafil

Таблети 50mg

Таблети 100mg

ATC  G04BE03

Се издава на рецепт

ДОЗИРАЊЕ И НАЧИН НА УПОТРЕБА


Возрасни

Препорачана доза е 50 mg, земена по потреба еден час пред сексуалната активност. Во зависност од ефикасноста и подносливоста, дозата може да се зголеми до 100 mg или да се намали на 25 mg. Максималната препорачана доза е 100 mg. Максималната препорачана фреквенција на дозирање е еднаш дневно. Ако силденафил се зема со храна, почетокот на дејството на лекот може да биде одложено, за разлика од употребата на гладно.

Посебни популации:

Постари пациенти
Кај постари пациенти не е потребно приспособување на дозата (≥ 65 години).

Пациенти со ренално нарушување
Препораките за дозирање кај возрасни се однесуваат и за пациенти со умерено до средно тешко ренално нарушување (клиренс на креатинин  30-80 ml/min).

Бидејќи клиренсот на силденафил е намален кај пациенти со тешко ренално нарушување (клиренс на креатинин < 30 ml/min) треба да се земе доза од 25 mg. Во зависност од ефикасноста и подносливоста, дозата може да се зголемува постепено до 50 mg, најмногу до 100 mg, како што ќе биде потребно.

Пациенти со хепатално нарушување
Бидејќи клиренсот на силденафил е намален кај пациенти со хепатално нарушување (на пр. цироза), треба да се земе во предвид доза од 25 mg. Во зависност од ефикасноста и подносливоста, дозата може да се зголеми постепено до 50 mg, најмногу до 100 mg, како што ќе биде потребно.

Педијатриска популација
Силденафил не е индициран кај лица под 18 години.

Начин на употреба: За орална употреба


Информациите за лекот дадени на web страната се само краток опис за особините на лекот. Не ги прифаќајте како конкретни препораки за Ваше самолекување. 

Терапијата и употребата на лекот секогаш мора да биде во согласност со препораките од Вашиот лекар, и Вашиот фармацевт. Секогаш внимателно читајте го внатрешното упатство.

СОСТАВ

1 филм-обложена таблета содржи 50 mg силденафил (во форма на силденафил цитрат).

1 филм-обложена таблета содржи 100 mg силденафил (во форма на силденафил цитрат).

ТЕРАПЕВТСКИ ИНДИКАЦИИ

РЕВАГРА® е индицирана кај возрасни мажи со еректилна дисфункција, односно неможност да се постигне или да се одржи ерекција на пенисот која ќе биде доволна за задоволителен сексуален однос.

За да лекот РЕВАГРА® биде ефикасен, потребна е сексуална стимулација.

КОНТРАИНДИКАЦИИ

Хиперсензитивност на активната супстанција или на некој од ексципиенсите на лекот.

Во склад со познатите ефекти на силденафил врз циклусот азотен оксид/цикличен гванозин монофосфат (cGMP), се покажало дека силденафил ги потенцира хипотензивните ефекти на нитратите и оттука, истовременета администрација со донори на азотен оксид (како што се амил нитрит или нитрати во која било форма) е контраиндицирана.

Контраиндицирана е истовремената примена на фосфодиестераза тип 5 (PDE 5) инхибитори, вклучувајќи го и силденафил, со стимулатори на гванилат циклаза, како што е риоцигват, бидејќи може потенцијално да доведе до симптоматска хипотензија.

Препаратите за третман на еректилна дисфункција, вклучително и силденафил, не треба да се употребуваат кај мажи на кои не им се препорачува сексуална активност (на пр. тешки кардиоваскуларни нарушувања, како нестабилна ангина пекторис или тешка срцева инсуфициенција).

Силденафил е контраиндициран кај пациенти кои го изгубиле видот на едното око поради неартериска антериорна исхемична оптичка невропатија (NAION), без разлика дали оваа појава била поврзана или не со претходно изложување на PDE5 инхибитор.

Безбедноста на силденафил не е испитувана кај следните подгрупи пациенти и поради тоа неговата употреба кај нив е контраиндицирана: тешко хепатално нарушување, хипотензија (крвен притисок < 90/50 mmHg), историја на неодамнешен инсулт или инфаркт на миокард и познати наследни дегенеративни нарушувања на ретината како на пр. ретинитис пигменоза (мал број од овие пациенти имаат генетски нарушувања на ретиналните фосфодиестерази).

ПАКУВАЊЕ

Kутија со 4 филм-обложени таблети од 50 mg во блистер пакување.

Кутија со 4 филм-обложени таблети од 100 mg во блистер пакување.