fbpx

Рисперидон

Risperidone
Филм-обложени таблети:
20×1 mg;
20×2 mg;
20×3 mg;
20×4 mg

ATC N05A X08
Се издава на рецепт
Се наоѓа на позитивна листа на лекови на ФЗО

ДОЗИРАЊЕ И НАЧИН НА УПОТРЕБА


Шизофренија

Возрасни: Рисперидон може да се дава еднаш или двапати дневно. Пациентите треба да започнат со 2 mg/ден рисперидон. Вториот ден дозата може да се зголеми на 4 mg/ден. Потоа, дозата може да остане непроменета или да биде индивидуално приспособена, по потреба. За најголем број пациенти адекватната дневна доза се движи меѓу 4 mg и 6 mg. Кај некои пациенти може да биде поадекватно дозата побавно да се титрира, а почетната доза и дозата на одржување да бидат пониски. Дозите над 10 mg/ден немаат поголема ефикасност и можат да предизвикаат екстрапирамидни симптоми. Безбедноста на дози над 16 mg/ден не е испитана и затоа не се препорачуваат.

Постари лица: Се препорачува почетна доза од 0,5 mg двапати дневно. Оваа доза може да се приспособува индивидуално, со зголемувања од 0,5 mg двапати дневно, се до конечна доза од 1 до 2 mg двапати дневно.

Деца: Рисперидон не се препорачува за деца помлади од 18 годишна возраст, со шизофренија, поради недостиг на податоци за ефикасноста.

Манични Епизоди при Биполарни Растројства

Возрасни: Рисперидон треба да се дава еднаш дневно, почнувајќи со доза од 2 mg. Приспособувањата на дозата, доколку се индицирани, треба да се вршат во интервали од најмалку 24 часа и со дозно зголемување од 1 mg/ден. Ефикасноста се покажува со флексибилни дози од 1 до 6 mg/ден. Дневни дози над 6 mg/ден не се испитани кај пациенти со манични епизоди. Како кај сите симптоматски третмани, оправданоста од континуирана употреба на Рисперидон мора редовно да се евалуира.

Постари лица: Се препорачува почетна доза од 0,5 mg двапати дневно. Оваа доза може да се приспособува индивидуално, со зголемувања од 0,5 mg двапати дневно, се до конечна доза од 1 mg до 2 mg двапати дневно. Поради ограниченото клиничко искуство кај постари лица, потребна е претпазливост кај оваа возрасна група.

Деца: Рисперидон не се препорачува за деца помлади од 18 годишна возраст, со биполарна манија, поради недостиг на податоци за ефикасноста.

Перзистентна Агресивност кај Пациенти со Умерена до Тешка Алцхајмерова Деменција

Се препорачува почетна доза од 0,25 mg двапати дневно. Оваа доза може да се приспособува индивидуално, со зголемувања од 0,25 mg двапати дневно, на секои два дена, по потреба. За најголем број пациенти оптимална доза е 0,5 mg двапати дневно. Сепак, кај некои пациенти може да има потреба од дози и до 1 mg двапати дневно. Рисперидон не треба да се применува подолго од 6 недели за лекување перзистентна агресивност при Алцхајмерова деменција. За време на терапијата, пациентите мора често и редовно да се евалуираат, како и да се процени потребата за продолжување на терапијата.

Нарушувања на Однесувањето

Деца и адолесценти од 5 до 18 годишна возраст: За лица со телесна тежина ≥50 kg се препорачува почетна доза од 0,5 mg еднаш дневно. Оваа доза може да се приспособува индивидуално, со зголемувања од 0,5 mg еднаш дневно, на секои два дена, по потреба. Најчесто, оптимална доза е 1 mg еднаш дневно. Сепак, кај некои пациенти може да биде доволна доза од 0,5 mg еднаш дневно, додека кај некои може да има потреба од 1,5 mg еднаш дневно. За лица со телесна тежина < 50 kg се препорачува почетна доза од 0,25 mg еднаш дневно. Оваа доза може да се приспособува индивидуално, со зголемувања од 0,25 mg еднаш дневно, на секои два дена, по потреба. Најчесто, оптимална доза е 0,5 mg еднаш дневно. Сепак, кај некои пациенти може да биде доволна доза од 0,25 mg еднаш дневно, додека кај некои може да има потреба од 0,75 mg еднаш дневно. Како кај сите симптоматски третмани, оправданоста од континуирана употреба на Рисперидон мора редовно да се евалуира.

Рисперидон не се препорачува за деца помлади од 5 години, поради недостиг на искуство кај оваа возрасна група.

Ренално и Хептално Нарушување

Пациентите со ренално нарушување имаат помала можност за елиминација на активната антипсихотична фракција, отколку лицата со нормална ренална функција. Пациентите со нарушена хепатална функција имаат покачувања на концентрациите на слободната фракција на рисперидон во плазмата. Без разлика на индикацијата, започнувањето и понатамошното дозирање треба да бидат преполовени, а титрацијата на дозата треба да биде побавна за пациенти со ренално или со хепатално нарушување. Кај овие групи пациенти, Рисперидон мора да се употребува претпазливо.

Начин на Примена

Рисперидон е наменет за перорална употреба. Храната не влијае врз апсорпцијата на лекот. Кога е потребно, се препорачува постепено прекинување на терапијата. Акутни апстиненцијални симптоми како гадење, повраќање, потење и несоница, многу ретко се пријавени по нагло прекинување на високи дози антипсихотици. Може да дојде и до повторна појава на психотичните симптоми. Пријавени се и нарушувања на неволните (неконтролираните) движења (акатизија, дистонија, дискинезија). Преминување од други антипсихотици на рисперидон Кога клиничката состојба на пациентот дозволува, се препорачува постепено прекинување на претходната антипсихотична терапија, додека да се започне со терапијата со рисперидон. Исто така, кога клиничката состојба дозволува, при префрлање на пациентите од третман со депо антипсихотици, препорачливо е терапијата со рисперидон да започне во терминот кога треба да се администрира следната доза на депо препаратот. Потребата од континуирана терапија со антипаркинсоници треба периодично да се проценува.


Информациите за лекот дадени на web страната се само краток опис за особините на лекот. Не ги прифаќајте како конкретни препораки за Ваше самолекување. 

Терапијата и употребата на лекот секогаш мора да биде во согласност со препораките од Вашиот лекар, и Вашиот фармацевт. Секогаш внимателно читајте го внатрешното упатство.

Description

СОСТАВ

1 филм-обложена таблета содржи 1 mg рисперидон.
1 филм-обложена таблета содржи 2 mg рисперидон.
1 филм-обложена таблета содржи 3 mg рисперидон.
1 филм-обложена таблета содржи 4 mg рисперидон.

ТЕРАПЕВТСКИ ИНДИКАЦИИ

Рисперидон е индициран за третман на пациенти со шизофренија.
Рисперидон е индициран за терапија на умерени до тешки манични епизоди при биполарни растројства.
Рисперидон е индициран за краткотрајна терапија (до 6 недели) на перзистентна агресивност кај пациенти со умерена до тешка Алцхајмерова деменција, кај кои нема одговор на други нефармаколошки пристапи на лекување и кога постои ризик од самоповредување или од повредување на другите.
Рисперидон е индициран за краткотрајна симптоматска терапија (до 6 недели) на нарушувања на однесувањето, со перзистентна агресивност, кај деца над 5-годишна возраст и кај адолесценти со потпросечно интелектуално функционирање или со ментална ретардација (дијагностицирана според DSM-IV критериум), кај кои има потреба од фармаколошки третман, поради интензитетот на агресивното или на деструктивното однесување. Фармаколошкиот третман треба да биде интегрален дел од поопширна и комбинирана програма на лекување, вклучувајќи психосоцијални и едукативни мерки. Се препорачува рисперидон да биде препишан од специјалист по детска неврологија, од психијатар за деца и за адолесценти или од доктор којшто е доволно запознаен со нарушувањата на однесувањето кај деца и кај адолесценти.

КОНТРАИНДИКАЦИИ

Преосетливост на рисперидон или на било која друга состојка на лекот.

ПАКУВАЊЕ

Кутија со 20 филм-обложени таблети од 1 mg во блистер пакување.
Кутија со 20 филм-обложени таблети од 2 mg во блистер пакување.
Кутија со 20 филм-обложени таблети од 3 mg во блистер пакување.
Кутија со 20 филм-обложени таблети од 4 mg во блистер пакување.