fbpx

Моксимед

Moxifloxacin
Филм-обложени таблети 400 mg
Се издава на рецепт
Се наоѓа на позитивна листа на лекови на ФЗО

ATC Ј01МА14

ДОЗИРАЊЕ И НАЧИН НА УПОТРЕБА


Дозирање (возрасни)

Препорачаната доза е една филм-обложена таблета од 400 mg еднаш на ден.

Пациенти со ренално/хепатално оштетување

Не е потребно прилагодување на дозата кај пациенти со благо до сериозно нарушена ренална функција или кај пациенти на хронична дијализа, т.е. хемодијализа и континуирана амбулантна перитонеална дијализа.

Нема доволно податоци за пациенти со нарушена хепатална функција.

Други посебни популации

Не е потребно прилагодување на дозата кај постари пациенти и кај пациенти со мала телесна тежина.

Педијатриска популација

Моксифлоксацин е контраиндициран кај деца и адолесценти (<18 години). Ефикасноста и безбедноста на моксифлоксацин кај деца и адолесценти не се утврдени.

Начин на употреба

Филм-обложените таблети треба да се проголтаат цели со доволна количина на течност и може да се земаат независно од оброците.

Времетраење на употребата

Времетраење на треманот со Моксифлоксацин филм-обложените таблети од 400 mg при:

  • Акутна егзцербација на хронично опструктивно белодробно заболување, вклучувајќи и бронхитис: 5-10 дена
  • Пневмонија стекната во вонболнички услови: 10 дена
  • Акутен бактериски синузитис: 7 дена
  • Блага до умерена пелвична инфламаторна болест: 14 дена

Моксифлоксацин филм-обложените таблети од 400 mg се испитувани во клинички студии за третман до 14 дена.

Секвенцијална терапија (интравенска проследена со перорална)

Во клинички студии со секвенцијална терапија, повеќето пациенти преминале од интравенска на перорална терапија во рок од 4 дена (пневмонија стекната во вонболнички услови) или 6 дена (комплицирани инфекции на кожата и кожните структури). Препорачаното вкупно времетраење на интравенскиот и пероралниот третман е 7-14 дена за пневмонија стекната во вонболнички услови и 7-21 ден за комплицирани инфекции на кожата и кожните структури.

Препорачаната доза (400 mg еднаш на ден) и времетраењето на терапијата за индикацијата што се лекува не треба да се надминуваат.


Информациите за лекот дадени на web страната се само краток опис за особините на лекот. Не ги прифаќајте како конкретни препораки за Ваше самолекување. 

Терапијата и употребата на лекот секогаш мора да биде во согласност со препораките од Вашиот лекар, и Вашиот фармацевт. Секогаш внимателно читајте го внатрешното упатство.

СОСТАВ

1 филм-обложена таблета содржи 400 mg моксифлоксацин (во форма на моксифлоксацин хидрохлорид).

ТЕРАПЕВТСКИ ИНДИКАЦИИ

Моксифлоксацин филм-обложените таблети од 400 mg се индицирани за третман на следните бактериски инфекции кај пациенти од 18 години и постари, предизвикани од бактерии чувствителни на моксифлоксацин.

При следните индикации, Моксифлоксацин треба да се употребува само кога се смета за несоодветно да се употребуваат други антибактериски лекови кои вообичаено се препорачуваат за третман на овие инфекции:

  • Акутен бактериски синузитис.
  • Акутна егзацербација на хронично опструктивно белодробно заболување, вклучувајќи и бронхитис.

При следните индикации, Моксифлоксацин треба да се употребува само кога се смета за несоодветно да се употребуваат антибактериски лекови кои вообичаено се препорачуваат за почетен третман на овие инфекции или кога тие не даваат резултати:

  • Пневмонија стекната во вонболнички услови, освен тешки случаи.
  • Блага до умерена пелвична инфламаторна болест (т.е. инфекции на горниот женски генитален тракт, вклучувајќи и салпингитис и ендометритис), без придружен тубо-оваријален или карличен апсцес.

Моксифлоксацин филм-обложените таблети од 400 mg не се препорачуваат за употреба како монотерапија при блага до умерена пелвична инфламаторна болест, туку треба да се даваат во комбинација со друг соодветен антибактериски лек (на пр. цефалоспорин). Ова е како резултат на зголемената резистентност на Neisseria gonorrhoeae на моксифлоксацин, освен ако не може да се исклучи Neisseria gonorrhoeae резистентна на моксифлоксацин.

Моксифлоксацин филм-обложените таблети од 400 mg може, исто така, да се употребуваат за да се заврши терапијата кај пациенти кои покажале подобрување за време на почетниот третман со интравенски моксифлоксацин при следниве индикации:

- Пневмонија стекната во вонболнички услови.

- Комплицирани инфекции на кожата и кожните структури.

Моксифлоксацин филм-обложените таблети од 400 mg не треба да се употребуваат за започнување на терапија при било кој тип на инфекција на кожата и кожните структури или при тешка пневмонија стекната во вонболнички услови.

Треба да се земат во предвид официјалните препораки за соодветна употреба на антибактериските лекови.

КОНТРАИНДИКАЦИИ

  • Хиперсензитивност на моксифлоксацин, други хинолони или на било кој од ексципиенсите на лекот.
  • Бременост и доење.
  • Пациенти на возраст под 18 години.
  • Пациенти со историја на заболувања/нарушувања на тетивите, поврзани со третман со хинолони.

И во претклинички истражувања и во истражувања кај луѓе, забележани се промени во електрофизиологијата на срцето по изложување на моксифлоксацин, во форма на продолжување на QT интервалот. Поради безбедносни причини, моксифлоксацин е контраиндициран кај пациенти со:

  • Вродено или документирано стекнато продолжување на QT интервалот.
  • Нарушувања на електролитите, особено кај некорегирана хипокалемија.
  • Клинички релевантна брадикардија.
  • Клинички релевантна срцева слабост со намалена лево-вентрикуларна ејекциона фракција.
  • Претходна историја на симптоматски аритмии.

Моксифлоксацин не треба да се употребува истовремено со други лекови кои го продолжуваат QT интервалот.

Поради ограничените клинички податоци, моксифлоксацин е исто така контраиндициран кај пациенти со нарушена хепатална функција (Child Pugh C) и кај пациенти со покачени трансаминази >5 пати над горната нормална граница

ПАКУВАЊЕ

Кутија со 5 филм-обложени таблети од 400 mg во блистер пакување.
Кутија со 7 филм-обложени таблети од 400 mg во блистер пакување.
Кутија со 10 филм-обложени таблети од 400 mg во блистер пакување.